Сто дена со граѓаните, со учениците, наставниците и родителите. 100 дена одговорност, грижа и посветеност во создавањето образование за сите, веруваме дека постигнавме оптимални резултати и успеавме да креираме квалитетни, заеднички, обмислени и адекватни решенија, во услови на пандемија, која драстично го промени начинот на кој живееме, учиме и работиме, рече министерката за образование и наука, Мила Царовска, на прес-конференцијата по повод 100 дена Влада.

„Постигнавме резултати во 5 области, пристап до навремено, достапно и квалитетно образование за секое дете во услови на пандемија, реформи во образованието, инвестиции во науката, капитални инвестиции и политики за стипендирање. Најважно е што дури и во време на пандемија имаме континуитет во образованието, односно со комбинираниот модел на настава – онлајн со физичко присуство и со емитување 15-минутни часови на македонски и албански јазик на Националната телевизија, обезбедивме стабилност во образовниот процес и успешно заврши оценувањето за првото тромесечје, како и заокружувањето на првото полугодие од оваа учебна година“, рече Царовска.