Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци, по неговото гостување во емисијата Во Центар испрати писмен допис за дообјаснување и демантирање на некои констатации и прашања изнесени во емисијата, како и извинување до адвокатот и лидер на ТМРО, Ванчо Шехтански.

Дописот го објавуваме во целост:

Согласно чл.13 ст.2 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, а врз основа на барањето за јавно извинување и јавно повлекување на изјава доставено до мене на ден 11.11.2020 година од страна на полномошниците на претседателот на политичката партија ТМРО Ванчо Шехтански и Адвокат Ванчо Шехтански, до Вас како уредник на емисијата „Во Центар со Васко Ефтов“ го упатувам ова извинување со појаснување со цел негово објавување во исто време и во ист обем во електронските средства за јавно информирање или интернет страница, како и информацијата на која се реагира.

Имено, мојата интенција не беше да го навредам Г-динот Шехтански, ниту како адвокат, ниту како претседател на политичката партија ТМРО.

Јас поставив прашање до уредникот и водител на емисијата цит.„Вие мислите дека Шехтански Ванчо е нормален човек?“ Како што може лесно да се утврди, а и како што е наведено и во самото барање за извинување, станува збор за реченица во прашална форма, односно прашање упатено до новинарот, но за жал од одговорот на новинарот на поставеното прашање може да се добие претстава дека тоа е моја констатација, а не прашање. Во секој случај повторувам дека не станува збор за моја констатација, туку прашање упатено до новинарот, па му се извинувам на Г-дин Ванчо Шехтански и како на адвокат, но и како на претседател на политичка партија доколку добил впечаток дека тоа е моја констатација или навреда кон него, бидејќи јас немав намера ниту да го навредам ниту да го омаловажам ниту пак за него да изразам понижувачко мислење.

Во поглед на мојата изјава за која исто така се бара јавно извинување каде имам изјавено цит.„тој е осуден за таа работа“ исто така се извинувам, затоа што точно е дека тој е не правосилно осуден, односно донесена е осудителна пресуда во прв степен, но сеуште постапката не е правосилно завршена, па согласно тоа се смета дека се додека постапката не е правосилно завршена лицето Ванчо Шехтански не е осудено. Оваа грешка е направена ненамерно, односно повторувам, по грешка испуштив да кажам дека е осуден во прва степен за таа работа и дека сеуште постапката по жалба е во тек. Се извинувам доколку со оваа моја непрецизност во изјавата сум го навредил Г-дин Ванчо Шехтански како адвокат или како претседател на политичка партија или како физичко лице.

Се надевам дека оваа моја реакција и јавно извинување кон лицето Ванчо Шехтански, вклучително и во својство на претседател на политичката партија ТМРО, но и адвокат, ќе ја објавите на начин како што е тоа предвидено со Законот за граѓанска одговорност од навреда и клевета.

Со почит,
Митко Јанчев