Канадскиот град Монтреал ќе добие два моста направени од рециклирани стаклени шишиња.

Властите во Монтреал тврдат дека ова е прв ваков проект во светот, во кој 70.000 стаклени шишиња ќе бидат искористени за изградба на два моста на Островот на калуѓерките (Лил де сер). Овие мостови ќе ги заменат двата постојни надвозници.

Канадскиот проект е фантастичен показател за тоа како да се размислува надвор од рамките кога станува збор за рециклирање, архитектура и инженерство. Монтреал се обидува да ги намали ефектите од климатските промени со тоа што користи прав од стаклени шишиња за тротоарите уште од 2011 година.


Водечкиот дизајнер и инженер на проектот Етјен Кантин Белмар изјави за „МТЛ блог“дека инспирација за проектот било истражувањето спроведено од Универзитетот во Шербрук, кое се фокусирало на стаклен бетон со ултрависоки перформанси.

Белмар и неговите колеги ја проучувале можноста да се користи прав од стаклени шишиња во поголем обем, а мостовите се прв таков проект.

Така, за изградбата на мостовите ќе се помеша прав од 70.000 стаклени шишиња од вино со 40.000 килограми цемент. Двата моста ќе содржат вкупно околу 10 проценти рециклирано стакло, што е добро за околината и за јачината на мостовите.


– Користењето стаклен прав ќе ја зголеми издржливоста на бетонот кога станува збор за замрзнување и попрскување сол. Бетонот ќе биде малку поцврст – вели Белмар.


Еден од мостовите треба да биде готов во следните недели, а изградбата на другиот ќе почне во април 2021 година и ќе трае шест месеци.