Според Општиот колективен договор за стопанството, кој има сила на закон, вработените во приватниот сектор може да очекуваат по 10.956 денари за надоместок за годишен одмор, популарно наречен К-15. Утврдувањето на износот според Договорот, се врши врз основа на податоците за просечна нето-плата, што ги објавува Државниот завод за статистика.

Работниците треба да добијат најмалку 40 отсто од просекот на последните три објавени-нето плати. Статистика ги објавува податоците околу 20-ти во тековниот месец, така што оние што ќе добијат К-15 во последните денови од декември, незначително ќе имаат малку поразлична сума од 10.956 денари.

К-15 според формулата „40 отсто од просекот на последните три просечни плати“ добиваат најголем дел од вработените во приватниот сектор, но има и такви што добиваат многу помал износ, или воопшто не добиваат поради една одредба во Општиот колективен договор, која е донесена во 2015 година, а која е многу критикувана и од Државен инспекторат за труд и од Сојузот на синдикати поради својата непрецизност и можност за паушална оценка, во однос на тоа кога фирмата има „тешкотии во работата“,  но која е и понатаму на сила.