Денес, секретарот на Иранскиот совет за национална безбедност, Али Шамхани, го обвини Мосад за атентат врз иранскиот научник Мохсен Фахризаде. Според иранскиот официјален претставник, Израелците во таа операција ги користеле „услугите“ на забранетата терористичка група Народни муџахедини на Иран (МЕК).

Шамхани рече дека атентатот врз Фахризаде бил извршен со многу сложени методи со употреба на автоматско оружје и дека атентаторите не биле пронајдени на местото на убиството.

Добивме информации за сторителите на злосторства, и веќе знаеме кој е одговорен, ги имаме нивните досиеја, рече Шамхани.

Тој претходно им потврди на иранските медиуми дека иранските безбедносни служби знаеле дека постои можност за убиство на научникот, па дури и го знаеле местото каде требало да се случи атентатот, што на крајот се потврдило дека е баш тоа местото каде е убиен Фахризаде.

Тие не ги сфатија сериозно сите информации, поради честите вести што ги добиваа за тоа, рече Шамхани, што официјално доведе до признавање дека безбедносните служби на Исламската република потфрлиле.

Народните муџахедини на Иран е забранета милитантна група, која се залага за уривање на владата во Техеран, а особено интересно е што едно од нивните најсилни упоришта, ако не и најсилното упориште е во Албанија. За тоа во емисијата Во Центар зборуваше историчарот од Тирана, Олси Јахедџи.

Тие беа населени таму од Американци во 2013 година, а повеќе од 4.000 членови на МЕК со своите семејства сега престојуваат во Албанија. Тајни бази на таа организација беа основани во Манез близу Драч, а тие бази западните медиуми ги опишаа како „воени инсталации“.

Поради тоа, односите меѓу Техеран и Тирана се сериозно влошени, а ајатолахот Али Хамнеи минатата година ја нарече Албанија „мала злобна европска држава, која соработуваат со ирански предавници и прават заговор против Иран“.

Во петокот, на 27 ноември, шефот на Центарот за истражување и технологија во иранското Министерство за одбрана, Мохсен Фахризаде, беше убиен во атентат во близина на Техеран. Ниту една група или земја не презеде одговорност за атентатот, но Иран се сомнева дека Израел играл клучна улога во атентатот.