Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева за злоупотреба на службената положба и овластувањата неправосилно осудена е на 7 години затвор.
Бојан Јовановски-Боки 13 за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари во случајот „Рекет” неправосилно осуден е на затворска казна од 9 години.
За примање награда за противзаконито влијание Јовановски доби 5 години, за перење пари 5 години, односно единствена казна затвор од 9 години.
На Бојан Јовановски му се конфискува облеката од скапи брендови спакувана во 70 вреќи, како и уметничките слики од Личеновски, Мартиновски, Коџоман и други.
Катица Јанева, поради здравствени и семејни причини не присуствуваше на изрекувањето на пресудата за што го известила судот.
Судијката од Основниот кривичен суд Васка Николовска-Масевска ја соопшти пресудата во присуство на Јовановски, кој по изрекувањето на пресудата веднаш беше спроведен од притвор.
Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, по соопштување на првостепените затворски казни, побара продолжување на мерките притвор за двајцата.
Бојан Јовановски и Зоран Милевски Кичеец беа уапсени на 15 јули 2019. Двајцата беа осомничени за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание, а Јовановски и за кривичното дело перење пари. Милевски по признанието беше осуден на казна затвор од 3 години, пуштен е од притвор и сега се жали пред Апелациониот суд Скопје.