По 16 години на чело на Германија, канцеларката Ангела Меркел има само една желба: за неа да не кажат дека била мрзлива.

Меркел, која ќе се пензионира по парламентарните избори закажани за 26 септември, е позната како неуморен работник и издржлива во долгите преговори со лидерите од целиот свет или со официјални лица од германските региони.

Сепак, таа денес, на форумот организиран од ВДР, на прашањето што не би сакала да пишува за неа во книгите по историја, таа кратко одговори: Дека сум била мрзлива.

Тој коментар на канцеларката (66) со блага насмевка на работ на усните, е одраз на нејзиниот интровертен карактер.

Ангела Меркел е една од омилените политички фигури на Германците и многумина и се восхитуваат на нејзината отпорност кон замор бидејќи можеше да остане цела ноќ и да преговара.

Таа во 2015 година рече дека има капацитет за издржливост, но во одреден момент мора да се одмори. Таа е позната по тоа што сака да се консултира и да собира службени лица, дури и по цена на доцнење во донесувањето на некои одлуки.

Мојот метод на работа отсекогаш бил создавање врски и решавање на несогласувањата преку разговор, рече таа, што е различно од некои функционери чие однесување се состои во создавање на тензии.