Цел ден чекав реакција на Никола Груевски за пресудата во врска со случајот Таргет Тврдина.

И тоа не само поради пресудата за четиригодишна затворска казна за Гордана Јанкуловска или три пати поголемата затворска казна за неговиот прв братучед, Сашо Мијалков, за казна во траење од 12 години, туку многу повеќе, затоа што е ова клучниот случај што го водеше поранешното СЈО.

Со овој случај де факто се докажува кој вршел прислушкување во периодот од 2008 до 2015 година, а исто така и се докажува кој учествувал во уништувањето на доказите и опремата за тоа прислушкување.

Се сеќавате на оние комични обиди на поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева и онаа нејзино: Отвори, отвори пред портите на Министерството за внатрешни работи кога требаше на лице место да фати кој прислушкува(л) во Македонија.

Никола Груевски го градеше целиот наратив за жолти комбиња и странски служби кој прислушкувале. Денес тој наратив падна во вода. Прислушкувало УБК под контрола на Мијалков.

Го слушав судијата Владимир Туфегџиќ. Му се фати гласот додека ја читаше пресудата. Кога даде пауза од пола саат, да се проветрат просториите на судот, согласно епидемиолошките мерки, заборави да го исклучи микрофонот и можеше да се слушне неговото бранење или оправдување: Не сум тремаџија, ама ми се фати гласот.

Тоа само покажува за каков случај станува(ше) збор.

Цела држава денес го коментираше тоа. Само Груевски молчи. Има на фејсбук пост за смртта на Зоран Џолев, за смртта на Љубисав Иванов Sинго, за смртта на Мите Костов од партијата Лигата на Власите. Имаше пост и за судењето на 27 април. Имаше пост и за приведувањето на неговиот кум во врска со парцелите на Водно. Но за Мијалков молчи.

Јавна тајна е дека во 2003 година Груевски ( барем малку ) се двоуми дали да прифати да биде лидер на ВМРО ДПМНЕ, бидејќи знае дека ќе треба да го решава спорот со името, а Мијалков е тој кој го убедува дека треба да прифати да биде лидер, а потоа може да одолговлекува со решавањето на спорот. За десетина години подоцна Мијалков да смета дека името да треба да се реши, а Груевски да одолговлекува.

Но сега на сите им е јасно дека Груевски и Мијалков беа власта во Македонија од 2006 до 2016 година. Сите други во ВМРО ДПМНЕ беа само актери за споредни улоги.

И сега молк од Груевски. Како во романот на Габриел Гарсија Маркес-На полковникот нема кој да ми пишува. Тој избега а ги остави неговите најблиски соработници да бидеат во затворите или во судските ходници.