– На најкатегоричен начин го осудуваме секој чин што ги сквернави националните симболи на која било земја, а во конкретниот случај на Турција, соопштуваат преку Твитер од Министерството за надворешни работи на Грција, откако синоќа, на протест во Солун беше запалено турското знаме за што реагираше и турското МНР, јави дописничката на МИА од Атина.

Според локалните медиуми, на протестот во Солун против претворањето на Света Софија во џамија, група од неколку лица, го запалила знамето на Турција.

Вчерашната манифестација во Света Софија предизвика реакции во Грција, како од власта и опозицијата, така и во медиумите, додека пак грчкото МНР вчера попладне излезе со соопштение на кое утрово одговори Министерството за надворешни работи на Турција, за претпладнево да следи нов одговор од грчкото МНР.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Турција Хами Аксој одговори на тврдењата на грчкото МНР дека „Турција ги прекршува обврските од Конвенцијата на УНЕСКО од 1972 година“, велејќи дека „отворањето на џамијата Света Софија за служба е во согласност со барањата и духот на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на светското културно наследство“.

Аксој вели дека ги осудуваат „непријателските изјави на членовите на грчката Влада кои ја провоцираа јавноста“, како и „дозволувањето да се запали славното знаме на Турција“.

-Разгалените деца на Европа, кои не можеа да ја поднесат сликата на верниците, кои повторно влегуваат во Света Софија, уште еднаш беа во делириум. Ваквите расистички начини на размислувања, не ги извлекоа потребните лекции од историјата, оние што не го почитуваат нашето славно знаме, треба да се сетат на нивната судбина во Егејот. Грција треба да се разбуди од византискиот сон од кој не може да се разбуди веќе 567 години и да се ослободи од фрустрацијата што произлегува од тоа, вели портпаролот на турското МНР во писмената изјава, по што следеше и одговор од грчкото МНР.


Напишете коментар