На судењето во Хаг на Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ-Френки, пензионираниот српски полициски генерал, Обрад Стевановиќ изјави дека прв пат слушнал за „црвените беретки“ на Српската служба за државна безбедност (СДБ) во март 1996 година, денот кога според неговото тврдење, таа единица е официјално формирана.

За време на неговото сведочење во одбрана на Симатовиќ, Стевановиќ кажа дека во периодот од 1993-96 година, припадниците на Специјалните полициски единици (ПЈП) на Одделот за јавна безбедност (РJБ) на српското МВР, под негова команда, работеле во неколку наврати во БиХ и Хрватска, но таму не правеле офанзиви дејствија.

Стевановиќ негираше не само учество во тие операции на борбената единица на Службата за државна безбедност на Србија, туку и постоење на таква формација.

Не слушнав и не видов каква било формација на СДБ на Србија, ниту знаев дека таква формација постои. Тоа не беше традиција на СДБ, подвлече сведокот кој беше командант на ПЈП и помошник началник на РJБ на МВР на Србија.

За офицерите на „црвените беретки“, како што е Рајо Божовиќ, кои во тоа време беа присутни на боиштата со своите луѓе, сведокот тврдеше дека тие биле дел од силите на Република Српска (РС) или на Република Српска Краина (РСК).

Според Стевановиќ, паравоената формација „Шкорпиони“ исто така била дел од армијата на РСК.

Според обвинението против Станишиќ (70), тогашен шеф на СДБ на Србија и Симатовиќ (70), главен оперативец на Службата, „црвени беретки“ и „шкорпиони“, како единици на СДБ на Србија, извршиле многу злосторства во Хрватска и БиХ во периодот 1991-95 година.

Станишиќ и Симатовиќ се обвинети за прогон, убиство, присилно пренесување и депортација на Хрвати и муслимани.

Генералот Стевановиќ тврди дека за српската борбена единица СДБ првпат слушнал на 13 мај 1996 година, на приемот во Службата по повод Денот на безбедноста.

Јовица Станишиќ за прв пат не извести дека СДБ ќе формира или формирала единица за специјални операции (ЈСО). Тој ни рече дека обезбедил добра личност со искуство од операциите, (Милорад Улемек) Легија, како командант, рече сведокот.