Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш предупреди дека светот се соочува со „генерациска катастрофа“, поради затворањето на училиштата поради глобалната пандемија со корона вирусот.

Тој додаде дека безбедното враќање на учениците во училниците мора да биде најголем приоритет, пренесува Гардијан.

Во видео изјавата, Гутереш потсети дека од средината на јули, училиштата се затворени во околу 160 земји, што зафати околу една милијарда ученици, како и најмалку 40 милиони деца на пред училишна возраст.

На тоа, како што рече, треба да се додаде дека повеќе од 250 милиони деца не оделе на училиште дури и пред пандемијата, како и дека во земјите во развој, само четвртина од учениците во средните училишта се здобиваат со основни вештини.

„Сега се соочуваме со генерациска катастрофа што може да одземе огромен човечки потенцијал, да го поткопа повеќедеценискиот напредок и да ги влоши постојните нееднаквости“, рече Гутереш, кој ја започна кампањата на ООН „Зачувај ја нашата иднина“.


Напишете коментар