Иако ВМРО ДПМНЕ вчера демантираше дека Ганка Самоилова Цветановска е новата шефица на Дувло, односно делот на центарот за комуникација за водење црна кампања, сепак, после тој демант на твитер се појавија наводни пораки кои “шефицата” на Дувло ги испраќала за политичко денунцирање на поранешниот потпретседател на ВМРО ДПМНЕ, а сега актуелен градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев.

Во таа порака, која наводно Ганка Самоилова Цветановска ја испраќа како нова “шефица” на Дувло се даваат инструкции за црна кампања против Јанчев. Еве што се инструкциите во таа порака:

“Пишете му на овој дебилов Јанчев нешто во стил: Веројатно мисли дека за него ќе гласа целото членство на СДС. Ама ВМРО ќе треба да го смени статутот за тоа. Друг начин не гледам да стане лидер на ВМРО освен ако не гласаат од СДС”, стои во пораката.

Пораките беа објавени од ликот чичко Стоилко кој на твитер прв ја објави содржината на тие пораки. Тој е еден од поддржувачите за свикување на 17-ти вонреден конгрес на ВМРО ДПМНЕ за гласење за доверба на актуелниот претседател на партијата, Христијан Мицкоски.

Иако Митко Јанчев е веќе еден месец повлечен и не дава изјави во врска со ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски, овие инструкции да се води црна кампања против него веројатно укажуваат дека тајната полиција на партијата располага со информации дека нешто се подготвува на теренот.

Ако се покаже како точно дека нависта госпоѓата Цветановска дошла на чело на Дувло, тоа би значело дека Мицкоски на чело на клучните позиции носи луѓе од најголема доверба. Не е никаква тајна дека семејството Мицкоски се во блиски пријателски односи со Ганка Самоилова Цветановска и нејзиниот партнер Сашко Кедев. Мицкоски посакуваше Кедев да биде претседателски кандидат на партијата, а Цветановска да биде дел од најтесното раководство на ВМРО ДПМНЕ.

Инаку, Ганка беше потпретседател на ВМРО ДПМНЕ во мандатот на Никола Груевски, но многу брзо политички се разделија. Груевски како причина за тоа ја ширеше приказната за наводната средба која Ганка Самоилова Цветановска со Сашко Кедев му ја организирале со сега веќе починатиот, Емануел Малелис Маноли, во хотелот Македонија во Солун. Но многу пореална е варијантата дека Груевски насети дека Ганка има лидерски амбиции и таа на време беше елиинирана од врвот на партијата.

Евентуалното враќање во игра на Ганка на таа позиција значи дека Мицкоски се подготвува за можен удар по празниците. Затоа со време преку Дувло се почнува црна кампања против можните претенденти за тронот, а Митко Јанчев е сигурно еден од најсериозните кандидати за наследник на Мицкоски.