Меѓународен тим експерти од Светската здравствена организација (СЗО) ќе пристигне во Кина на 14 јануари за да испита како настанал новиот коронавирус, кој ја предизвика пандемијата КОВИД-19, соопшти кинеската национална здравствена комисија.

Тимот првично требаше да пристигне во Кина на почетокот на јануари, но беше одложен затоа што групата не добила дозвола за влез во земјата од властите во Пекинг.

Здравствената комисија објави датум, но не даде детали за рутата на тимот, забележува Ројтерс и потсетува дека пандемијата започна кон крајот на 2019 година од градот Вухан во централна Кина.

Во соопштението, Комисијата рече дека странски експерти ќе соработуваат со кинески научници, пренесуваат агенциите.

На 5 јануари, генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејизус изрази разочарување што кинеските власти го одложуваат доаѓањето на меѓународна експертска група. Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи во врска со тоа објасни дека доцнењето се должи на спецификите на официјалните процедури во пандемијата.

Меѓународните експерти се очекува да бидат ставени во карантин по пристигнувањето во Кина, јавува Франс прес. АФП нагласува дека дозволата од кинеските власти е објавена на денот кога помина една година откако Кина ја објави прва смрт на тогаш мистериозниот нов вирус.

По појавувањето во Кина на крајот на 2019 година, болеста предизвикана од коронавирусот брзо се прошири во повеќето земји и на 11 март 2020 година, СЗО прогласи пандемија, потсетува ТАСС.