Германски нуркачи кои го чистат Балтичкото море од фрлени рибарски мрежи, во заливот Гелтинг наишле на ретка машина за шифрирање “Енигма” која нацистичката војска ја користела во текот на Втората светска војна, а се верува дека ја исфрлила потопена подморница.

Иако на почетокот мислел дека станува збор за машина за пишување заплеткана во мрежа, подводниот археолог Флоријан Хубер набрзо го сфатил историското значење на пронајдокот. 

“За последните 20 години имав многу возбудливи и необични пронајдоци, но никогаш не сум сонувал дека еден ден ќе пронајдам една од легендарните “Енигма машини””, рекол Хубер.

Нацистичката војска ја користела “енигма” за да праќа тајни пораки, но британските криптографи успеале да ја разоткријат шифрата, што им помогнало на сојузниците да стекнат предност во поморските борби за контрола над Атлантикот.

Непосредно пред предавањето на Германија во мај 1945-та, екипажите на околу 50 подморници добиле наредби да ги потопат своите пловила во заливот Гелтинг во близина на Данска, за да не паднат во рацете на сојузниците, но и да ги уништат машините за шифрирање.

Хубер вели дека се верува дека “енигма” машината која ја пронашле нуркачите е од тоа време.

Иако се произведени неколку стотици илјади такви машини, познато е дека постојат само неколку стотини, кои на аукции се продаваат за 10-тина илјади евра.

Машината која е пронајдена ќе биде предадена на археолошкиот музеј во Шлезинг.