Угледниот магазин „Форин полиси“ објави вознемирувачка анализа која сведочи за големината на злосторствата извршени од кинеските власти против населението Ујгури во оваа земја.

Два неодамнешни вознемирувачки настани можеби конечно да ја подигнат свеста за обемот и ужасот на злосторствата извршени против Ујгурите, претежно секуларно муслиманско етничко малцинство, во областа Ксинџијанг во Кина.

Едниот е извештај во кој се документира систематска стерилизација на ујгурските жени. Другиот беше акција на американската царина во која се запленети 13 тони производи од човечка коса за кои постои сомневање дека биле насилно одземени од Ујгурите кои затворени во кинеските логори, се наведува во анализата на престижниот магазин „Форин полиси“.

Анализата посочува дека злосторствата против Ујгурите во сите погледи ги исполнуваат елементите на геноцид:

Повеќе од еден милион Ујгури се затворени во логори, затвори и фабрики за принудна работа во Кина. Уапсените се предмет на воена дисциплина, трансформација на мислата и присилни признанија. Тие се злоупотребени, мачени, силувани, па дури и убивани. Преживеаните пријавиле дека биле изложени на струен удар, мачење со непиење вода, повторени тепања, стресни позиции и инјекции со непознати материи.

Овие масовни кампови беа осмислени да нанесат сериозна физичка, психолошка штета и психички и физички да ги уништат Ујгурите.

Владините документи откриваат масовна кампања за стерилизација на жените, финансирана со државни средства, за спроведување на стотици илјади стерилизации во 2019 и 2020 година. Ова далеку го надминува обемот на присилна стерилизација по глава на жител спроведена врз жените во останатиот дел на Кина, предупредува магазинот.

Форин полиси наведува дека статистичките податоци покажуваат дека владата ги исполнува целите за спречување на раѓањата.

Помеѓу 2015 и 2018 година, стапките на пораст на ујгурското население паднаа за 84 проценти. Официјалните документи покажуваат дека стапките на стерилизација во Ксинџијанг нагло се зголемија, додека паднаа во останатиот дел од Кина, а финансирањето на овие програми само се зголемува, стои во извештајот на магазинот.

Со притворени мажи Ујгури и стерилизирани жени, владата ги постави основите за физичко уништување на Ујгурите. Од друга страна, најмалку половина милион преостанати ујгурски деца се одделени од нивните семејства и државата ги воспитува во таканаречените „засолништа за деца“.