Најголемиот вмровец меѓу Албанците, Арбен Таравари, рече дека е можна коалиција на неговата партија Алијанса на Албанците со ВМРО ДПМНЕ.

За големо чудо оваа изјава Таравари не ја даде на некои од медиумите финансирани со унгарски пари, туку во своето гостување на ТВ 21.

Таравари е генерален секретар на партијата Алијанса за Албанците. Беше прв министер за здравство во првата влада на Зоран Заев формирана летото 2017 година. Таравари не може да им прости на Заев и СДСМ што не го поддржаа на изборите за градоначалник на Гостивар во 2017 година.

Таравари има очегледно големи политички амбиции: да биде барем уште еднаш кандидат за градоначалник на Гостивар и ако му се поклопат коцките да биде во блиска иднина нов лидер на АА. За остварување на тие цели му е потребна коалиција со ВМРО ДПМНЕ.

Во својот синоќенешен настап на ТВ21 Таравари изјави дека лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, јавно се извинил за немилите настани кои се случија во Собранието на 27 април. На 27 април 2017 во Собранието беше претепан Претседателот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села.

Поради настаните од 27 април многу членови на ВМРО ДПМНЕ се осудени на долгогодишни затворски казни.

И тоа не е се, што би рекле во рекламите за топ шоп. Според Таравари, Мицкоски бил подготвен да се тргне делот во Законот за јазици каде Албанците се напишани како етничка заедница со 20 отсто од населението.

Тоа, би било ( математички ) прецизно напишано како Албанци, наместо 20 отсто, објасни Таравари.