Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца албански државјани за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, како и кривично дело – Спречување на службено лице во вршење службени дејствија од член 382 став 1 од Кривичниот законик.

Лицата на возраст од 21 и 19 години набавиле наркотична дрога – марихуана од Република Албанија и преку нелегален премин ја внеле во земјава со намера да ја продадат. На 6 ноември, при обид да им биде извршен личен преглед, осомничените дале отпор и ги нападнале полициските службеници, удирајќи ги со тупаници. Првиот осомничен бил совладан и лишен од слобода, а во неговата чанта биле пронајдени околу 890 грама марихуана. Вториот осомничен се дал во бегство, но во утринските часови следниот ден сам се предал во полициска станица.