Обвинителите се подготвени на Ема Коронел Аиспуро, уапсената сопруга на мексиканскиот нарко бос Ел Чапо, да и понудат нов живот под заштита доколку открие детали и тајни на картелот Синалоа и така да помогне истиот да се уништи.

Таа, заедно со своите деветогодишни близначки би добила нов живот, идентитет и документи, и покрај тоа што во моментов и се закануваат 40 години затвор поради обвинение за заговор поради дистрибуција на дрога.

Мајкл Вигил, поранешен офицер на “DEA”, кој минал години инфилтриран во мексикански и колумбиски картели, верува дека таа ќе ја прифати понудата.

“Хоакин Ел Чапо Гузман, шеф на картелот и воедно нејзин сопруг, ќе ја охрабри да соработува за да им се одмазди на оние што го предале. Таа ќе биде во искушение поради можноста за нов анонимен живот. Верувам дека ќе соработува”, смета тој.

Ема знае луѓе од горниот ешалон на картелот

Според неговите зборови, Ема е една од најблиските лица на мексиканскиот нарко бос и запознаена е со внатрешното работење на картелот.

“Ема ги знае идентитетите на горниот ешалон на картелот, патиштата за шверц на дрога и како се произведува. Тоа што е најважно, таа може да даде многу информации кои може да донесат до обвинение против членови на Синалоа, што не би завршило добро по нив. Исто така, ги знае сите владини службеници во Мексико кои добивале мито”, додава тој.