Утре е официјалниот собир на нашата најдобра репрезентација за претстојните два меча во Лигата на Нации, со Ерменија (5 септември) и Грузија (8 септември). Сепак најголемиот дел од фудбалерите и стручниот штаб уште вечерва ќе се најдат во хотелот “Гранд Плаза“. Почнувајќи од селекторот Игор Ангеловски со својот стручен штаб, капитенот Горан Пандев, Енис Барди, Елиф Елмас, Илија Несторовски, Дарко Велковски, Крсте Велкоски …вкупно 26 лица. Утре во хотелот треба да се појават Стефан Ристовски, Столе Димитриевски, Егзон Бејтулаи кој веднаш по мечот Шкендија – Борец ќе им се придружи на своите колеги.

Инаку интересно е, барем така дознаваме, и тоа на барање на селекторот Игор Ангеловски, дека секој член на експедицијата, дали е тоа селекторот, капитенот или шоферот на автобусот, при влегување во хотелот веднаш оди во својата соба каде ќе му биде направен Ковид-19 тест. Резултатите ќе бидат готови за четири часа, и ако тоа лице биде негативно, тогаш може да се меша со останатите. Исто така на тестови ќе бидат подвргнати и сите лица од хотелот кои ќе имаат било каков контакт со репрезентативците, тука се мисли од луѓето кои што ја подготвуваат храната па се до оние кои ја послужуваат, како и лицата кои ги чистат собите. Сите мора да поминат на оваа Ковид-19 контрола, се со цел да не се случи нешто непосакувано.

Утре нашите репрезентативци во 18:30 часот на Арената “Тодор Проески“ ќе го одработат и првиот тренинг, кој ќе биде од затворен тип, како и сите останати, се со цел играчите и стручниот штаб максимално се заштитат во ова време на корона кризата. Впрочем тоа го бараат и протоколите на УЕФА, а ФФМ има намера во целост тоа да го спроведе.

извор : https://sportmedia.mk/


Напишете коментар