Од завршувањето на претседателските избори во вторникот, кампањата на Трамп испрати барања за донации преку е-пошта и писма.

Републиканците бараат од донаторите најмалку 60 милиони долари за финансирање на тужбите на претседателот Доналд Трамп во врска со претседателските избори во САД, изјавија за Ројтерс во петокот двајца извори запознати со ова прашање.

Кампањата на Трамп покрена тужби во повеќе држави по изборите во вторникот, во кои победникот сè уште не е прогласен заради долгото пребројување на гласовите, а демократот Џо Бајден е на чекор до потребните 270 електорски гласови.

„Тие сакаат 60 милиони долари“, рече еден републикански донатор кој доби барање од кампањата на Трамп и Републичкиот национален комитет (РНК).

Двата извори разговарале за барањата за донации со Ројтерс под услов тие да останат анонимни поради чувствителноста на темата. Кампањата Трамп и РНК не одговорија веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.

Откако претседателските избори завршија во вторникот, кампањата на Трамп испрати барања за донации преку е-пошта и писма, велејќи дека станува збор за валкана изборна игра.

Повикот за донации доаѓа во време кога и кампањата Трамп и Бајден се подготвуваат за потенцијално долготрајна правна битка околу изборите.

Високиот советник за изборната кампања на Трамп, Дејвид Боси, кој ја предводи конзервативната советничка група „Ситизен Јунајтед“, е избран да ја води постизборната судска постапка, рече еден извор запознат со стратегијата на кампањата на Трамп.

Трамп, кој ја започна изборната трка со голема финансиска предност, ја заврши со борба да остане во чекор со Бајден. Бајден собра околу 130 милиони долари помеѓу 1 и 14 октомври, околу три пати повеќе од Трамп, кој собра околу 44 милиони долари.

Инаку, вчера, Доналд Трамп преку твитер му порача на Џо Бајден дека би било погрешно тој да прогласи победа.

Можев и јас да го изнесам тоа тврдење. Правните постапки штотуку почнуваат, рече Трамп.