Францускиот сатиричен магазин Шарли Ебдо денес повторно ги објави карикатурите на исламскиот пророк Мухамед, кои на исламистичките напаѓачи им послужија како оправдување за терористичкиот напад во 2015 година.

Повторното објавување на карикатурите се случува еден ден пред почетокот на судењето на 14 лица кои им помогнаа на двајца исламистички напаѓачи да извршат напад врз редакцијата на Шарли Ебдо на 7 јануари 2015 година.

Да потсетиме, во нападот беа убиени 14 лица, вклучително и познати карикатуристи, а уште пет лица беа убиени во исламистичките напади што следуваа следните денови во Париз.

На насловната страница на Шарли ебдо, објавена денес, се објавени 12 оригинални карикатури на исламскиот пророк Мухамед, кои првично беа објавени во данскиот весник Јуланд постен. На една од карикатурите е прикажан Мухамед кој носи бомба наместо турбан на главата.

Насловот на денешното издание на Шарли Ебдо гласи „Tout ça pour ça“ што значи: Се е поради ова!

Во едиторијалот на Шарли Ебдо се наведува дека читателите често ги молеле да продолжат со објавувањето карикатури со Мухамед по смртоносниот напад во 2015 година.

Ние секогаш одбивавме да го сториме тоа, не затоа што е забрането, законот ни го дозволува тоа, туку затоа што ни требаше добра причина за тоа, причина што има смисла и придонесува за дебата, пишува во уводникот.

Објавувањето на овие карикатури на еден ден пред судењето за терористички напад во јануари 2015 година ни се чинеше од суштинско значење, пишуваат во Шарли Ебдо.

На обвинителна клупа ќе се најдат 14 лица кои набавувале оружје и им давале логистичка поддршка на напаѓачите врз редакцијата на Шарли Ебдо, а подоцна и нападите врз еврејската продавница и полицијата во Париз.

На тројцата обвинети ќе им се суди во отсуство бидејќи се недостапни. За нив се верува дека побегнале во северна Сирија или Ирак.

Француските медиуми јавуваат дека се очекува да сведочат луѓето кои го преживеале крвавиот напад.

Судењето требаше да започне во март, но беше одложено поради пандемија на коронавирус. Се очекува да трае до ноември.

Што се случи во 2015 година?

Дванаесет лица, вклучително и некои од најпознатите француски карикатуристи, беа убиени на 7 јануари 2015 година, кога браќата Саид и Чериф Куачи ги нападнаа канцелариите на Шарли Ебдо, чиј стил без табу, вклучувајќи и многу контроверзни карикатури на пророкот Мухамед, ја подели земјата.

Еден ден подоцна Амеди Кулибали, близок познаник на Чериф Куачи, со кого се запознаа во затвор, ја уби полицајката Клариса Жан Филип за време на рутинска сообраќајна контрола на периферијата на Париз.

Кулибали потоа уби четворица Евреи, на 9 јануари во заложничката драма во супермаркетот Хипер Кахер, во источен Париз. Тој сними и видео во кое посочи дека нападите се координирани и презема одговорност за нив во име на Исламската држава.

Кулибали беше убиен во полициска рација во супермаркетот. Браќата Куачи беа убиени во печатница во Дамартин-ан-Голе, североисточно од Париз, каде се криеја.


Напишете коментар