Најголеми победници на парламентарните избори во Црна Гора се граѓаните, државата Црна Гора и новата влада, рече претседателот на Движењето за промени и еден од лидерите на Демократскиот фронт, Небојша Медојевиќ.

Тој посочи дека црквата има огромна улога, но исто така ги повика црковните великодостојници да не се мешаат повеќе во политиката.

Тој за РТЦГ изјави дека новата влада, која треба да се формира, има важна историска задача да го демонтира претходниот систем. Медојевиќ истакна дека „никој однадвор не се мешал и не и помогнал“ на поранешната опозиција.

Тој објасни дека денес не се сретнал со кандидатот за мандатар Здравко Кривокапиќ, бидејќи уште порано рече дека Кривокапиќ има поддршка од петмина пратеници на ДЗП.

Тој рече дека не ги дели сите ставови со Кривокапиќ за влијанието на црквата во дневната политика.

Тој дојде на нашата листа како договор меѓу Демократскиот Фронт и митрополитот Амфилохије. Тој беше број еден затоа што тоа црквата го побара како услов да ја поддржи нашата листа, истакна Медојевиќ.

Тој изјави дека црквата побарала десет лица блиски до неа да бидат на листата „За иднината на Црна Гора“. Па, тоа беше намалено на три, па се согласивме дека е доволно тоа да биде Кривокапиќ, кој ги претставува црквата и митрополитот Амфилохије на нашата листа, рече тој.

Медојевиќ рече дека поврзаноста на Кривокапиќ со Амфилохије е разбирлива, но дека сега е време црквата да се врати на својата примарна задача и дека е против секојдневното мешање на црквата во политичкиот живот.

Тој рече дека не сакал да оди на состанокот со Амфилохије во Острог, бидејќи тоа не е местото каде што треба да се зборува за мандати и ресори.

Секогаш кога црквата влегуваше во политичките води во Црна Гора во последните 30 години, таа не заврши добро ни за црквата ни за демократијата. Тоа што црквата го направи одлично, се литургиите, и мислам дека е најдобро свештениците сега да се вратат во манастирите, за да ја продолжат својата мисија за морално обновување, изјави Медојевиќ.

Тој апелираше до црковните великодостојници да го почитуваат Уставот, во кој јасно стои дека црквата е одвоена од државата.