Членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, објави дека ќе следат нови чекори што ќе доведат до одвојување на Република Српска од БиХ, но веднаш му беше одговорено дека тоа го сметаат за опасна авантура.

Во пресрет на седницата на неговата партија (СНСД), Додик им рече на новинарите во Бања Лука дека партијата ќе достави предлог до Парламентот на Република Српска кон крајот на октомври или почетокот на ноември, одбивајќи да учествуваат во вооружените сили на државата, државните полициски агенции и разузнавачка служба (ОСА) и Високиот судски и обвинителски совет. Тој објасни дека тоа би значело дека Република Српска истовремено ќе формира свои слични институции кои ќе бидат пандан на државните.

Тој тврди дека тоа нема да биде чекор кон кршење на територијалниот интегритет на БиХ, туку враќање на суверенитетот на Република Српска.

Нема да се повлечеме пред заканите и санкциите. Нашата проценка е дека во овој момент нема враќање назад, рече Додик.

Партијата за демократски напредок (ПДП) веднаш реагираше објавувајќи дека Додик не треба да смета на нивната поддршка во спроведувањето на таквите планови.

Предлозите на Милорад Додик и СНСД, кои најавуваат радикални мерки, немаат поддршка и очигледно е дека нивната цел е да создадат конфликт и политички хаос во Република Српска и БиХ, стои во реакцијата на претседателството на ПДП.