Стотици патници од Австралија денеска започнаа да пристигнуваат на аеродромите во Нов Зеланд откако властите ги отворија границите.

Претходно, владата на таа земја донесе одлука дека антиковид карантин не е потребен за нивните граѓани, пренесува Ројтерс.

Иако повеќето австралиски држави им дозволија на граѓаните од Нов Зеланд да влегуваат без карантин, Нов Зеланд не одговори со иста мерка, туку ја задржа изолацијата за соседната земја, повикувајќи се на загриженост дека може да се појават спорадични локални епидемии на коронавирус.

Телевизиските снимки покажаа емотивни сцени на аеродромите, каде семејствата се обединија по една година, додека стотици патници трчаа кон терминалите за заминување од австралиска страна.

Ова е прв пат во повеќе од 400 дена луѓето да можат да патуваат без карантин и ќе воведеме нови 16 повратни летови на ден од Нов Зеланд, а веќе знаеме дека ќе бидат преполни, изјави извршниот директор на Квантас Алан Џојс за австралиската државна телевизија .

Џојс додаде дека Квантас ќе го зголеми бројот на летови меѓу двете земји на 200 неделно, додека компанијата Ер Нов Зеланд објави дека во понеделникот го зголемила бројот на летови за четири пати, и зафатеноста на капацитетот на авионот беше 97 проценти.

Отворањето на границите ќе помогне во закрепнувањето на економијата за двете земји и ќе обедини бројни семејства и пријатели, рекоа австралискиот премиер Скот Морисон и неговата колешка од Нов Зеланд, Џасинда Ардерн во заедничкото соопштение.

Околу 1,5 милиони Австралијци го посетија Нов Зеланд во 2019 година, што претставува околу 40 проценти од сите странски патници, а тие потрошија 1,93 милијарди долари во Нов Зеланд, покажаа официјалните податоци.

Повеќе од половина од родените новозеланѓани живеат во Австралија, што е нешто повеќе од два проценти од населението во Австралија од скоро 26 милиони жители.

Патниците од другите земји кои доаѓаат во овие две земји ќе мора да поминат двонеделен карантин во хотелот на свој трошок.

Двајцата премиери навестија можност за укинување на карантин за уште неколку земји од регионот на Пацификот, кога ситуацијата ќе биде безбедна.