Сириските власти се согласија привремено да отстапат дополнителни делови од сириската територија и крајбрежните води на Русија за проширување на нејзината воздушна база Хмеим.

Документот за договорот меѓу двете страни, кој беше објавен денес, беше потпишан на 21 јули, а стапи во сила на 30 јули. Договорот се однесува на копно и море во близина на провинцијата Латакија во северна Сирија, каде се наоѓа воздушната база Хмеим, која ја контролираат Русите.

Територијата, која се состои од осум хектари земја и ист број хектари крајбрежни води, ќе се користи за „центар за медицински третман и рехабилитација“ за персоналот на руската воена база, се наведува во документот. Оваа област ќе биде привремено предадена на Русија, без никаков надомест.

Русија започна воздушни напади во Сирија во 2015 година, додека воспостави трајно воено присуство во оваа земја две години подоцна, по договорот со владата во Дамаск.

Покрај базата во Хмеим, од каде Русија изведува воздушни напади со цел поддршка на сирискиот претседател Башар ал Асад, Москва го контролира и пристаништето Тартус.


Напишете коментар