Платформата за гледање филмови и серии Нетфликс го стави Косово на списокот на земји кои можат да се регистрираат за да ги следат неговите содржини, што медиумите на албански јазик ги пренесоа како признавање на државата Косово.

Можноста за регистрација на Косово е резултат на петицијата „Додај го Косово како земја на Нетфликс“ започната преку Интернет, која ја потпишаа околу 37.000 луѓе.

Во петицијата беше побарано да се постави телефонски код за косовските Албанци, на влезот за регистрација, кои би сакале да се претплатат на таа платформа.

Веста дека Нетфликс го призна Косово ја објави иницијаторот на петицијата, Совран Хоти.

Нетфликс го додаде Косово на списокот на земји со регионален код +383 на нивната платформа. Ви благодарам на сите што ме поддржавте во ова симболично, но достоинствено достигнување, напиша Хоти на Фејсбук.

И Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја коментираше оваа вест.

Гледам дека тие слават цел ден кога Нетфликс ги стави на нивната листа на земји. Нетфликс ве стави на таа листа, што ќе ви се Обединетите нации и Интерпол. Гледајте филмови, и шутирајте ја топката, рече Вучиќ.