Првиот случај на коронавирус е регистриран пред една година.

Станува збор за 55-годишен маж од кинеската провинција Хубеи.

Оттогаш, бројот на заразени лица во светот надмина 55 милиони, а повеќе од 1.300.000 луѓе починаа од последиците предизвикани од овој вирус.

Верувале или не, коронавирусот го слави својот прв роденден. Кога е забележан првиот случај, никој не ни замислувал дека вирусот ќе преживее толку долго, а камоли дека толку многу луѓе ќе умрат од него.

Нулта пациентот е регистриран, според Чајна морнинг пост, на 17 ноември 2019 година во кинеската провинција Хубеи.

Тоа е повеќе од еден месец пред лекарите да ги регистрираат првите случаи во Вухан.

Научниците се сомневаат дека ковид-19 преминал од лиљак на друго животно што подоцна го консумирал човекот, па така започна да се шири меѓу луѓето.

Експертите тврдат дека од 17 ноември минатата година, секојдневно по неколку пациенти почнале да се пријавуваат, а на 15 декември 2019 година, тој број бил 27.

Броевите потоа почнаа да вртоглаво се зголемуваат, а заразата да излезе и надвор од кинеските граници.

Иако повеќе од 38 милиони луѓе се опоравиле за една година, вирусот не се откажува и се чини дека врвот допрва доаѓа.

Денес, најнаселената земја во светот, од каде започна сè, бележи неколку случаи на ден, додека во САД има 150 000 новоинфицирани, а некои европски земји над 40 000 во текот на еден ден.

За споредба, нешто повеќе од 86.000 луѓе биле заразени во Кина од почетокот на пандемијата, а 4.634 починале.

Во моментов, најзаразени се во САД, Индија, Бразил, Франција и Русија.