Силно невреме, проследено со дожд и голема бура од град, ја погоди општината Горњи Милановац во Србија. Според мештаните, најголема штета претрпеле земјоделските култури.

Невремето траеше околу дваесетина минути, во некои делови беше формирана прекривка од градот од околу десет сантиметри. Најголема штета е предизвикана во делови од Драгољско брдо. Најмногу страдаа сливите, малините, пченицата и детелината, изјави Никола Јакимовиќ, претседател на МЗ Драгољ, за РИНА.

Локалните жители велат дека градот бил со големина на лешник, а според неофицијални информации дејствувале противградните ракети и на тој начин е спречено да биде направена уште поголема материјална штета.

Силно невреме е забележано и во Топола. Најголема штета е предизвикана во селата Шаторња, Винча, Блажнава, Трнава.

Првично градот беше со големина на топка за пинг-понг, а подоцна стана сè помал. Во селото Шуме, градот паѓаше скоро 20 минути, а на некои локалитети штетата е огромна. Најголема штета е кај црешите, а нивната берба требаше да почне за неколку дена, но и кај виновата лоза и јаболката. Слушнавме дека испукале ракети, но не знаеме точно колку, велат мештаните.