Сѐ уште нема ништо од истрагата за кражбата на еден милион евра која се случи пред околу еден месец во Скопје. Од МВР кусо ни одговорија дека заедно со Јавното обвинителство и надлежните институции работат на случајот. Осомничен нема, а ги нема ни парите.

„МВР презема активности во координација со Јавното обвинителство и надлежните институции, а се со цел и во насока на расчистување на случајот”, стои во кусиот одговор од МВР до нашата редакција во врска со оваа голема кражба. 

Крадецот по кого полицијата трага преку таван од друга куќа, која била лепенка со онаа од која беа украдени еден милион евра, стасал до балконот.

Од тука со тврд предмет ја отворил балконската врата и влегол во куќата, од која си заминал со богат плен.

За да ги најде парите не се измачил многу, бидејќи дел од нив, односно 800 илјади евра, биле оставени во кеса до креветот во спалната соба.

Останатите пари крадецот ги пронашол во фиоките во истата спална соба, а ги пребарал и другите простории.

Според пријавата во МВР, кражбата биле извршена на 4-ти овој месец, во периодот од 19.30 до 21.45 часот во куќа во Скопје.

Сторителот по кого се трага засега се води како непознато лице што извршило тешка кражба. Полицијата од увидот на лице место го утврдила начинот на кој сторителот успеал да влезе и да замине од куќата.

Одземени се три кеси со вкупно 800 илјади евра, 60 илјади американски долари, 50 илјади швајцарски франци и еден милион денари. Случајот, како што соопшти МВР, вчера во 22.10 часот во СВР Скопје го пријавил Ш.И. (58) од Скопје во чија сопственост е куќата каде што била извршена кражбата.

Дополнително се утврдува дали сторителот точно знаел каде се парите, а ги растурил другите простории за да изгледа дека не му било познато што има во куќата, или пак влегол сосема случајно, па имал среќа да најде и да украде еден милион евра.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *