Дали Радмила Шекеринска може да биде победник на овие избори и формирањето на оваа влада? Ако се покажат точни шпекулациите дека ќе биде повторно вицепремиер за евроинтеграции ( или дека ќе остане министер за одбрана ) тогаш може потврдно да се одговори на оваа прашање.

За Владата веќе се знае. Уште пред две недели се знаеше дека ќе биде договорена на 18 август така што овие преговори беа само форма на декор и фолклор пред јавноста.

Заев ќе биде премиер во наредните четири години, а место пржинска влада во последните сто дена пред изборите ДУИ ќе го предложи премиерот на техничката влада што ќе ги спроведе изборите.

Но останува енигмата Шекеринска. Таа беше прежалена пред овие избори. И се предвидуваше тежок пораз во петтата изборна единица каде СДСМ имаше мали шанси во Битола и во Охрид. И како резултат на изборниот пораз се најавуваше нејзино политичко пензионирање од високи партиски функции во СДСМ. Плус аферата Рекет и многу други афери кои се врзуваа за нејзиното или за имињата на нејзини блиски луѓе.

Но Шекеринска по бројот на гласовите го победи фаворитот на ВМРО ДПМНЕ, Игор Дурловски иако по бројот на мандати двете коалиции беа израмнети со по осум пратеници.

За Шекеринска се шпекулираше со три функции во новата влада: Претседател на Собранието ( што нема да биде, како што кажа Заев на таа функција ќе остане Талат Џафери ), да остане министер за одбрана и да биде вицепремиер за европски интерграции-има и варијанта за комбинација на двете последни функции министер за одбрана и вицепремиер за европски интеграции, и тоа ќе се знае многу брзо по седниците на ИО и ЦО на СДСМ.

Шекеринска е повеќе од 25 години во политиката. Ги преживеа и Црвенковски и Бучковски и Хари Костов. Го преживеа и Груевски од кого губеше на изборите. И што е најважно ја преживеа и ја испрати надвор од СДСМ фаталната Наташа Савова. Нема победено на ниту едни избори како лидер на СДСМ. Тешко ќе најдете толку неомилена личност во јавноста, а да има толку долга политичка кариера.

И тоа не е се, што би рекле во рекламите за топ шоп. Шекеринска беше вицепремиер за европски прашања кога Македонија доби кандидатски статус од Европската Унија. Шекеринска беше министер за одбрана кога Македдонија стана членка на НАТО. Ако Шеќеринска биде вицепремиер за европски интерграции, кога Македонија есенва ќе ги отвори преговорите со ЕУ, тогаш ќе може да се пофали дека била на клучните функции во клучните периоди кога Македонија ги правела најважните чекори кон ЕУ и НАТО.

Затоа вечерва ќе биде интересно да се следи која ќе биде улогата на Шекеринска во новата влада. Дали Заев ќе и дозволи да биде вицепремиер за европски интерграции. И дали ќе влезе во есента на својата политичка кариера како шефица на преговорите со ЕУ!?

Затоа е по малку лажна дилемата кој победи на овие избори, Заев или Ахмети? На изборите победи и преживеа Шекеринска. Преживеа едно СДСМ за кое многумина сметаат дека одамна требаше да биде испратено во историјата, но, еден дел од гласачите на СДСМ се уште жалат по тоа време кога СДСМ беше партија со идеологија. За тие што жалат по тоа време, во оваа СДСМ најмногу Шекеринска ги потсетува на тие стари времиња.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *