Во некои африкански земји, строгите мерки воведени поради пандемијата на вирусот корона постепено се олеснуваат. Тоа е причината зошто многу мигранти сега би можеле повторно да тргнат кон Европа, по рутата преку Медитеранот која е многу опасна за нивните животи.

Али е 30-годишник кој е разочаран дека мароканската влада го оставила на цедило за време на кризата со короната. Тој е во Мароко неколку години. Тој е по потекло од малата западноафриканска држава Того, од каде, како што вели, започнал да бара подобар живот без сиромаштија. Денес, заедно со неколку други мигранти, тој живее во мал стан во главниот град Рабат. Пандемијата тешко го погоди, пишува Дојче веле.

Понекогаш немаме што да јадеме и да пиеме освен вода. Не можам да најдам работа со скратено работно време овде за да можам да ја платам киријата. Каква е иднината? Затоа, мислам, дека ќе тргнам на патување низ Медитеранот, каде можам да страдам или да успеам – вели Али, кој, доколку имаше перспектива, ќе останеше во Мароко. Но, тој не ја гледа.

Мароканската влада обезбеди финансиска помош на сиромашните, но мигрантите не ја добија. Многу малку од нив добија официјална дозвола да излезат на улиците за време на полицискиот час.

Строга забрана за движење е во сила во Мароко од средината на март и има многубројни контролни пунктови на армијата и полицијата на празните и напуштените улици. Јавниот превоз е практично парализиран.

За мигрантите, санитарната криза брзо се претвори во хуманитарна криза – вели Мехди Алиуа од невладината организација ГАДЕМ, која се грижи за бегалците и мигрантите.

Многу малку мигранти успеаја да ја стинат во Европа за време на кризата со корона. Според податоците на Агенцијата за заштита на границите на ЕУ, Фронтекс, во април тие бројки беа рекордно ниски. Во текот на првите пет месеци од оваа година, 3.812 луѓе успеаја да го преминат Средоземното Море од Мароко во Шпанија. Тоа е помалку од половина во однос на истиот период во текот на 2019 година.

Првите теории веќе се појавија во Европа: бидејќи многу луѓе на африканскиот континент имаат уште помалку средства за живот како резултат на пандемијата, набудувачите очекуваат зголемен притисок да емигрираат – и дека многу повеќе луѓе ќе се обидат да емигрираат во Европа отколку порано.

По неколкумесечно напорно заклучување, првите африкански земји постепено ги укинуваат мерките за намалување на ширењето на коронавирусот. Како резултат на тоа, сè повеќе луѓе се подготвуваат да патуваат низ Средоземното Море – опасно по живот. Од моментот кога овие мерки се ублажени, Агенцијата за заштита на границите на ЕУ Фронтекс бележи значителен пораст на миграцијата во однос на претходните неколку месеци.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *