Врховниот суд на САД ја отфрли тужбата поднесена од Тексас и поддржана од претседателот Доналд Трамп, со која се бара поништување на изборните резултати во четири сојузни држави.

Тужбата, која беше поднесена во Врховниот суд, имаше за цел да им забрани на Џорџија, Мичиген, Пенсилванија и Висконсин да му дадат електорски гласови на демократскиот противкандидат на Трамп, Џо Бајден.

Судот во краткиот непотпишан налог наведе дека Тексас не покажа „правно препознатлив интерес за начинот на кој друга држава ги спроведува своите избори“.

Со тужбата, поднесена од Тексас, се оспоруваа изборните процедури во четири клучни држави – Џорџија, Мичиген, Пенсилванија и Висконсин.

Во тужбата беше побарано од судот да им забрани на тие сојузни држави да даваат гласови на електорите на Бајден и да ги пренесат изборот на електорите на законодавните тела на тие држави.

На тој начин од судиите се бараше да ги отфрлат повеќе милиони гласови на гласачите, пишува “Њујорк Тајмс“.