Неколку илјади жители на северозападна Кина се позитивни на бактериското заболување, а епидемијата следеше по истекувањето на опасен гас во биофармацевтската компанија за производство на вакцини, објавија властите.

Здравствена комисија во Ланжу, главниот град на провинцијата Гансу, потврди дека 3.245 лица се заболени од бруцелоза, што се пренесува преку контакт со говеда што имаат бактерија на бруцелоза.

Други 1.401 лице се прелиминарно позитивни на оваа бактерија и досега не е забележана смртност, пишува Си-Ен-Ен.

Бруцелозата, позната и како малтешка или медитеранска треска, може да предизвика симптоми како што се главоболки, болки во мускулите, треска и замор. Иако овие симптоми може да се повлечат, некои може да станат хронични или никогаш да не исчезнат, како што се артритис или оток во одредени органи.

Епидемијата уследи по истекувањето во фабрика за биолошки лекови, што се случи помеѓу крајот на јули и крајот на август мината година.

Фабриката користела средства за дезинфекција со истечен рок на траење во производството на вакцини за животни, а отпадниот материјал сепак содржел бактерија Бруцела.

Вработените во институтот започнаа да пријавуваат инфекции во ноември, по што работата ескалираше брзо. До крајот на декември 181 лице беше заразено со бруцелоза во институтот.

По истрагата, во фабриката беа одземени седум одобренија за ветеринарни лекови, а во февруари претставниците на фабриката се извинија и рекоа дека „строго казнија“ осум лица за кои е утврдено дека се одговорни за инцидентот.

Комисијата за здравство во Ланджу во вторникот објави дека 11 јавни болници ќе обезбедат бесплатни и редовни прегледи за заразени пациенти.