Дозволено собирање на најмногу девет луѓе на отворено и затворено, откажување концерти и кино проекции во затворени сали, дозволени најмногу 20 лица на свадби, крштенки и погреби, задолжително работење на далечина за 40 отсто од вработените во приватниот и јавниот сектор, онаму каде што е изводливо, се дел од дополнителните мерки за областа Атика, поширокиот регион на Атина, кои ги соопшти заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас на денешната редовна прес-конференција за ситуацијата со Ковид-19, јави дописничката на МИА од Атина.

Мерките, за кои рано утрово се разговараше и на состанокот со грчкиот премиер, стапуваат на сила во понеделник, а ќе важат до 4 октомври и се донесени поради тоа што од 4.084 активни случаи во Грција, повеќе од половина, односно 2.100 се во областа Атика, а 966 се во општина Атина.