Турскиот министер за здравство Фахретин Коца, рече дека сите патници кои од понеделник ќе допатуваат во Турција, ќе треба да бидат тестирани негативно на коронавирус, објавија Ројтерс и Асошиејтед прес.

Патниците кои нема да направат негативен писиар тест, направен во рок од 72 часа пред нивното пристигнување, нема да смеат да се качуваат на летови кон Турција, рече Коца. Условот ќе важи до март.

Правилото се очекува да важи за сите патувања по копно и море од среда.

Коца рече дека патниците кои пристигнуваат со авион од Велика Британија, Данска и Јужна Африка ќе бидат ставени во карантин при пристигнувањето во Турција, заедно со барањето да се достави негативен тест за поаѓање.

Турските безбедносни сили нема да дозволат новогодишни настани да се одржуваат во хотели и изнајмени вили за време на националниот карантин од 31 декември до 4 јануари, изјави пред новинарите турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, цитиран од ТАСС.

Министерството за внатрешни работи на Турција забрани каква било забава во хотелите низ целата земја од 31 декември до 4 јануари. По 22.00 часот на деновите на ограничувања, на хотелскиот менаџмент не му е дозволено да пушта музика, а по овој пат е забранета и музика во живо. Министерството нареди да не се дозволува гужва во хотелите, вклучително и во местата за пиење.

Во моментов во Турција постои ограничување за излегување помеѓу 21.00 и 05.00 часот и во работните денови и за време на викендите. Покрај тоа, бројот на посетители на продавници и трговски центри е ограничен. Кога влегувате во продажни места, се пријавува QR-код, кој во Турција се нарекува „здравствен код“.