Едно лице од здравствениот систем од сојузната американска држава Алјаска доживеа силна алергиска реакција откако во вторникот ја прими првата доза на вакцина за коронавирус произведена од Фајзер и БиоНТех, пишува Њујорк Тајмс .

Три лица кои се запознаени со случајот, за весникот изјавија дека лицето за кое станува збор е хоспитализирано и се уште е во болница. Таа, наводно, немала претходни проблеми со алергии на какви било лекови и не е познато дали можеби страдала од какви било други алергии.

Според Њујорк Тајмс, алергиската реакција на таа личност на вакцината наводно била слична на анафилактичниот шок што го претрпеле двајца здравствени работници во Велика Британија, исто така по приемот на вакцината Фајзер. И двајцата се опоравија.

Портпарол на Фајзер не одговори на барањето за коментар од Њујорк Тајмс.

Двајца Британци кои доживеале алергиска реакција по примањето на вакцината Фајзер имале историја на тешки алергиски реакции по вакцинирањето, едниот, 49-годишник, имал историја на алергија на јајца, додека другиот, 40-годишник, имал историја на алергиски реакции на лекови.

Следејќи ги нивните случаи, Агенцијата за регулирање на лекови во Велика Британија издаде предупредување дека луѓето со алергии на храна или лекови не треба да се вакцинираат. Администрацијата за храна и лекови на САД сè уште нема издадено вакво предупредување.