Резултатите од студијата спроведена во Шпанија покажаа дека едно дете има шест пати помала веројатност да го пренесе коронавирусот на другите во споредба со возрасните.

Истражувачите следеле како се шири коронавирусот во група од 1.905 лица, претежно деца, кои поминале пет недели во 22 кампови во Шпанија. Малите деца поголемиот дел од времето го поминувале на отворено, носеле маски и често ги миеле рацете.

Тестирањето спроведено на неделно ниво од здравствени работници од блиската болница покажа дека триесет заразени деца го пренеле вирусот на дванаесет деца кои биле здрави, и покрај тоа што имале повеќе од 250 контакти во нивната група.

Факторот-Р кај децата беше 0,3 отсто. За споредба, факторот-Р кај локалното подрачје се движеше од 1,7 до два отсто, што значи дека децата шест пати помалку ја ширеа заразата во споредба со останатото население.

Многу студии покажаа дека децата не го шират вирусот онолку колку што се стравуваше дека може да се случи – научниците на почетокот на пандемијата шпекулираа дека децата би можеле да бидат супер-преносители, како што е случајот со настинка и грип.

Едно друго истражување покажа дека ниту едно здраво дете во Велика Британија не умрело од ефектите на ковид-19.

Стравот на просветните работници дека децата ќе го донесат вирусот дома и ќе го пренесат на потенцијално загрозени членови на семејството, се докажа, барем засега, како неоправдан. Студиите, вклучително и оваа шпанската, сугерираат дека најмладите не ја пренесуваат короната на толку блиски контакти на начинот на кој тоа го прават возрасните.

На пример, од сто заразени деца, само триесет од нив би ја пренеле инфекцијата на други. Кога станува збор за возрасни, сто позитиви на ковид-19 би го пренеле вирусот на 170 или 200 здрави луѓе.

Истражувањата, исто така, покажаа дека децата на возраст под 12 години го пренесуваат коронавирусот со слична брзина како и децата на возраст меѓу 13 и 17 години.

Овие резултати даваат надеж дека училиштата нема да бидат резервоари за ширење на инфекција со коронавирус. Сепак, не треба да се занемари фактот дека за време на нивниот престој во камповите во Шпанија, децата поголемиот дел од своето време го поминувале на отворено, а не во училниците.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *