Поранешниот претседател на САД, Барак Обама, на шега му испрати сериозна порака на сегашниот претседател Доналд Трамп – дека може насилно да биде протеран од Белата куќа.

Обама, кој од некои медиуми се споменуваше како можен член на администрацијата на претседателскиот кандидат Џо Бајден, по официјалната потврда на неговата победа, рече на шега дека Трамп може да биде насилно исфрлен од Белата куќа, доколку е тоа потребно, со помош на воени единици.

Обама тоа го изјави како гостин во емисијата на Џими Кимел, што се емитува на мрежата АБЦ.

Кимел, кој е познат како критичар на Трамп, саркастично го праша Обама дали постои можност некое лице да се скрие во Белата куќа.

Ја познавате многу добро Белата куќа. Живеевте таму осум години. Дали има места каде што некој може да се скрие? Како, на пример, ако треба да се исели. Дали има некои мали квадратни дупки таму или нешто слично, се пошегува Кимел.

Многумина тоа го протолкуваа дека Кимел мисли на претседателот Трамп, кој не признава дека Бајден победи, туку тврди дека имало изборни нерегуларности.

Обама ја прифати шегата велејќи со смеа: Знаете, мислам дека секогаш можеме да испратиме морналички специјалци да го ископаат.

Претходно, извори од штабот на Бајден изјавија дека „американската влада е совршено способна да испрати натрапниците надвор од Белата куќа, затоа што американскиот народ ги одлучи резултатите од изборите“.