Официјалната причина за смртта на принцот Филип, наведена во неговoто уверение за смртта, е староста, пренесува Индипендент. Сопругот на кралицата Елизабета Втора почина на 99-годишна возраст на 9 април оваа година. Со месеци пред да почине, здравјето на Филип постепено се влошуваше. На почетокот на март, тој беше подложен на операција на срцето во болницата Свети Бартоломеј во Лондон, а потоа беше префрлен во приватната клиника на кралот Едвард Седми за да лекува инфекција за која беше објавено дека не е поврзана со Ковид-19.

По четиринеделен престој во здравствените установи, а за тоа време беше посетуван само неговиот син Чарлс, тој беше отпуштен и пренесен назад кај неговата сопруга во замокот Виндзор, каде поминаа поголем дел од пандемијата. Токму таму го дочека својот крај.

Бакингемската палата тогаш ја објави тажната вест, но во изјавата никогаш не се наведени точните причини за смртта на војводата од Единбург. Меѓутоа, сега, во документот, составен и заверен од Сер Хју Томас, раководител на Кралскиот медицински центар, се наведува дека Филип починал од старост. Британските медиуми посочуваат дека во земјата овој термин е прифатен во случај починатиот да е над 80 години и подолго време да е под медицински надзор, при што неговата општа здравствена состојба се влошила.

Од потврдата станува јасно дека тој немал друга истовремена болест или повреда што придонела за неговата смрт, вклучително и срцеви заболувања, за кои беше опериран само неколку недели порано.

Погребот на аристократот беше на 17 април годинава. и се одвиваше во тесен семеен круг од точно 30 луѓе, вклучувајќи ги неговите четири деца – Чарлс, Ана, Ендру и Едвард, заедно со нивните партнери, неговите осум внуци, вклучувајќи го и принцот Хари, кој пристигна сам од САД на неколку дена бидејќи бременоста на неговата сопруга не и дозволуваше да лета на долги растојанија.

Тоа беше церемонијален, а не државен погреб. Постои суптилна разлика помеѓу нив – државните погреби обично се резервирани само за монарси, иако во минатото премиерот Винстон Черчил имаше токму таков погреб, додека погребите на кралицата Мајка во 2002 година и на Дијана во 1997 година беа церемонијални.