Американската влада денес објави дека ќе започне со дистрибуција на вакцината ковид-19 во рок од еден ден од добивањето на лиценцата и дека планира еден ограничен број на вакцини да бидат достапни веќе на крајот на оваа година.

Претставници на Министерството за здравство и одбрана разговараа со новинарите преку видео врска во средата, а потоа ги објавија документите за планот за дистрибуција што ќе им бидат испратени на сојузните држави и локалните здравствени власти.

Владата ќе додели вакцини на сојузните држави врз основа на препораките на Центрите за контрола и превенција на болести, во врска со особено ранливите групи. Се очекува во нив да бидат вклучени здравствените работници.

Во документот се наведува и дека ограничен број дози на вакцината за ковид-19 ќе бидат достапни на почетокот на ноември 2020 година, ако дотогаш биде одобрено од Администрацијата за храна и лекови и дека залихите значително ќе се зголемат следната година.

Официјални лица исто така рекоа дека работат на тоа вакцината да биде бесплатна за пациентите.