Конфликтот меѓу Израел и Хамас ескалираше синоќа. Палестинските сили истрелаа повеќе од 200 ракети кон Израел, кој изврши силни воздушни напади врз појасот Газа. Насилството во градовите во кои Евреите и Арапите живеат заедно продолжи и во средата.

Вооружен огранок на Хамас, бригадата Ал-Касам, соопшти дека истрелала 110 ракети кон Тел Авив и 100 ракети кон градот Вирсавеј.

Тие рекоа дека нападите се „одмазда за продолжување на нападите врз домови на цивили“.

Ракетите беа истрелани откако најмалку три лица беа убиени при уривање на зграда во Газа, со што бројот на загинати на палестинска територија се искачи на 35. Меѓу загинатите има најмалку 10 палестински деца.

Од друга страна, за време на нападот врз Израел, пет лица беа убиени во Тел Авив и во градот Ашкелон, додека најмалку 100 лица беа повредени.

За тоа каква узбуна владее во Израел најдобро покажува мапата, која израелските одбранбени сили ја објавија на Твитер претходната вечер.

Како што тие објаснија, секоја црвена точка покажува каде се имаат огласено сирените во Израел во рок од половина час во текот на минатата ноќ.

Израел е нападнат, напиша израелската армија на Твитер.

Мапата е објавена во 20 часот и 50 минути.

ООН соопшти дека израелските сили повредиле 1.000 Палестинци во Источен Ерусалим меѓу 7 и 10 мај.

Хамас соопшти дека ракетните напади се директен одговор на рациите на израелската полиција во областа на џамијата Ал-Акса.

Снимки и фотографии од хаосот од Израел го обиколија светот утрово. Тел Авив е во урнатини, а децата се сами на улиците.

Во меѓувреме, израелската влада прогласи вонредна состојба во градот Лод, југоисточно од Тел Авив.

Израел мобилизирал 5.000 резервни војници, а медиумите известуваат дека моментално се води најтешката борба меѓу Израелците и Палестинците во последните седум години.