Италијанскиот национален институт за геофизика и сеизмологија објави видео реконструкција на ширењето на земјотресот што ја погоди Хрватска во вторникот, со епицентар во близина на Петриња.

Првата информација беше дека земјотресот бил со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала, што го забележал и институтот од Рим, кој го реконструира ширењето на земјотресот во Хрватска и соседните земји.

Видеото покажува дека земјотресот се пренесува преку Јадранот на Апенинскиот полуостров.

Сините и црвените линии го покажуваат подигнувањето и спуштањето на земјата.

Европскиот медитерански сеизмолошки центар проценува дека земјотресот го почувствувале шест милиони луѓе во Хрватска и во други 11 земји.

Според овие информации, земјотресот во областа Петриња се почувствувал низ цела Босна и Херцеговина, Чешка, Германија, Унгарија, Италија, Црна Гора, Романија, Словачка, Словенија, Србија и Австрија.

Да потсетиме, во разорниот земјотрес што го погоди централниот дел на Хрватска – Петриња, Сисак, Глина, загинаа седум лица, а десетици беа повредени.