Претседателот на САД, Доналд Трамп вршеше притисок врз функционерот во сојузната држава Џорџија, кој беше задолжен за изборите, да „најде“ доволно гласови за да го поништи неговиот изборен пораз во таа држава, пишува „Вашингтон пост“.

„Вашингтон пост“ во неделата објави делови од едночасовниот телефонски разговор меѓу Трамп и државниот секретар на Џорџија , Бред Рафенспергер , исто така републиканец, и напиша дека Трамп наизменично се додворувал, се молел и му се заканувал на Рафенспергер со неопределени кривични последици, во обид да го поништи неговиот изборен пораз во таа држава од новоизбраниот претседател Џо Бајден.

Весникот наведува дека Рафенспергер и неговиот советник во текот на целиот разговор ги отфрлале тврдењата на Трамп и му одговориле на претседателот дека се потпира на спорни теории на заговор за изборите што биле фер и коректни. Аудио извадоците објавени од весникот го потврдуваат тоа.

„Луѓето во Џорџија се лути, луѓето во земјата се бесни“, повторува Трамп, во дел од снимката што ја објави весникот на својата веб-страница. „Нема ништо лошо, знаете, ако кажете дека погрешно сте ги пресметале гласовите“, рече тој.

“Видете, сè што сакам е ова. Само сакам да најдам 11.780 гласови, што е еден повеќе отколку што имаме. Бидејќи победивме во оваа држава”, објаснува Трамп во разговорот инсистирајќи на тоа дека “нема шанси” да загуби во Џорџија.

Белата куќа одби да ги коментира снимките, а канцеларијата на Рафенспергер сè уште не одговорила на барањето на Ројтерс. Ниту од канцеларијата на Бајден немаа коментар.

Џорџија е една од неколкуте клучни држави на претседателските избори во САД на 3 ноември на кои Трамп загуби од Бајден. Оттогаш Трамп изнесе многу обвинувања за изборна измама во тие држави во обид да го стори резултатот, но ниту едно од тие обвинувања не беше прифатено од судовите.