Фармацевтскиот гигант Фајзер објави видео на кое се гледаат илјадници мали пакувања исполнети со новата, експериментална вакцина против коронавирус.

Како што пишува Дејли меил, доколку вакцината се покаже ефикасна, тоа ќе биде првиот чекор во насока на елиминирање на состојбата во која е вовлечен светот поради пандемијата.

Се наведува дека Фајзер веќе произведе стотици илјади дози во својата белгиска фабрика. Штом резервите тоа ќе го дозволат, вакцината ќе биде дистрибуирана во клиниките ширум светот, а штом клинички се потврди нејзината ефикасноста и регулаторите ќе дозволат продажба на пазарот, светот конечно ќе здивне.

Американската фармацевтска компанија се надева дека до крајот на оваа година може да произведе околу 100 милиони дози, од кои четириесет милиони веќе се планирани за британските здравствени институции. Следната година, нивната цел е да произведат дури 1,3 милијарди дози.

Дејли меил истакнува дека, според моментално достапните податоци, на секој пациент ќе му требааат две дози од вакцината.

Беше одлично чувство да се видат првите дози на вакцината како излегуваат од подвижната лента. Тоа на сите им предизвика насмевка на лицето, рече директорот на британскиот оддел на Фајзер, Бен Озборн.

Фајзер има намера да спроведе тестови на 44.000 пациенти за да можат да побараат итно одобрување на вакцината од американските власти до крајот на ноември. Ова официјално ја става компанијата на врвот на компаниите кои најуспешно и најбрзо развија вакцини за САРС-CoV-2.