Долго време имаше лицитација околу бројот на македонски граѓани кои имаат добиено бугарски пасош. Дури таа операција за добивање бугарски пасоши постојано ни беше ставана под нос како крунски доказ дека во Македонија живеат македонизирани Бугари кои сега ја осознаваат вистината и започнува процес на нивна ребугаризација.

Денес во бугарското Собрание за прв пат на така високо ниво беше изнесена точната бројка на македонски граѓани кои добиле бугарски пасоши. И таа бројка не е ни близу до бројките за кои досега се шпекулираше.

За десет години, повеќе од 65.000 Македонци се стекнаа со бугарско државјанство со декрет на потпретседателот, рече од собраниската говорница министерката за правда Десислава Ахладова.

За дообјаснување-во Бугарија постои и фунција потпретседател на државата. Тие копираат некои американски модел и кога се оди на избори се гласа во исто време и за претседател и за потпретседател на државата.

Во рамки на ингеренциите на потпретседателот на Бугарија е прашањето во врска со бугарските државјанства или по нашки добивање бугарски пасоши. Кога беше аферата за бугарскиот пасош на Љубчо Георгиевски тогаш таа афера потекна од интервјуто на тогашниот бугарски потпретседател кој за еден дневен лист од Пиринска Македонија кажа дека Георгиевски има добиено бугарско државјанство.

Инаку, според министерката за правда на Бугарија, од 2010 година до денес, повеќе од 77.000 барања за бугарско државјанство се поднесени од граѓани на Северна Македонија. 

Најмногу барања биле поднесени во 2018 година – околу 13.000 барања, а повеќе од десет илјади поднесени барања имало во 2012 и 2019 година.

Од почетокот на 2020 година до крајот на октомври беа поднесени 1963 апликации. Што ќе рече дека тој процес на издавање на бугарски пасоши веќе има тренд на големо намалување.

И сега доаѓаме до клучната поента а тоа е дека тие пасоши во најголем дел се вадени за работа во странство а не како дел на некој процес на ребугаризација на Македонците. Има многу докази со кои може да се докаже таа теза.

Петар Колев беше дел од партијата на Красимир Каракачанов , а е роден и голем дел од своето образование го има завршено во Штип, пред скоро две години ја формираше паертијата ГДУ. Тоа беше сериозен проект зад кој стоеше Каракачанов и неговата логистика од Софија. На изборите на 15 јули оваа година партијата на Петар Колев освои точно 3.555 гласови на изборите. Од сите тие силни Бугари во Македонија за условно речено пробугарската партија во државата гласале само 3.555 граѓани. Или што би рекле Бугарите таа бугарска стратегија доживеа тежок провал ( неуспех ) на изборите.

Гледате колку се слични бугарскиот и македонскиот јазик? Провал на бугарски значи неуспех на македонски.