Поради договорот што го потпишаа во средата за принципите на функционирање на новата влада, лидерите на трите црногорски опозициски блока, во еден дел од јавноста, буквално преку ноќ, се претворија од херои во предавници.

Прашањето е дали некој навистина очекуваше дека по промената на владата, Црна Гора ќе го напушти НАТО, ќе го поништи признавањето на Косово или ќе се откаже од ЕУ.

Договорот го потпишаа носителите на листите „За иднината на Црна Гора“, „Мирот е наша нација“ и „Црно-бело“, кои го освоија мнозинството на изборите – Здравко Кривокапиќ, Алекса Бечиќ и Дритан Абазовиќ.

На тој начин тие се обврзаа дека новата влада нема да ги смени државното знаме, грбот и химната, но и надворешната политика. Ова значи дека ќе продолжи и ќе ја зајакне соработката со НАТО и ќе ги спроведе сите потребни реформи за полноправно членство во ЕУ. Исто така, во документот се наведува дека новата влада нема да започне постапка за повлекување на признавањето на независноста на Косово, како и дека нема да спроведе одмазда врз политичка или каква било друга основа.

  • Новата демократска влада целосно ќе ги деполитизира клучните владини институции со цел да обезбеди бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата – пишува во договорот кој, меѓу другото, предвидува експертска влада.