Познатиот и контроверзен шведски епидемиолог Андерс Тегнел, кој го привлече вниманието на светската јавност заради уникатниот и благ пристап на таа земја кон пандемијата со коронарен вирус, изјави дека во Шведска , уште во ноември 2019 година е откриено дека има заразени со овој вирус.

Според Тегнел тоа биле веројатно индивидуални случаи што биле откриени кај патниците кои доаѓале од Вухан.

Оваа изјава на Тегнал доаѓа само еден ден откако во две француски болници, во северното предградие на Париз, беа испитани стари примероци на пациенти со пневмонија и беше откриено дека таму уште на 27 декември бил лекуван маж кој имал Ковид-19, што е скоро еден месец порано од досегашните информации на француската Влада за појавата на првите случаи на овој вирус во таа држава.

Светската здравствена организација соопшти дека не е изненадена од извештајот дека COVID-19 се појави во Франција во декември, што е порано отколку што се сметаше претходно, и ги повика другите земји да ги испитаат претходните сомнителни случаи.

Пред четири недели македонскиот министер за здравство, Венко Филипче најави дека ќе се испитаат брисевите кои се уште се чуваат од пациентите кои прележале грип на почетокот од оваа година, да се утврди дали меѓу нив имало заразени со корона вирусот.

Ако овие информации се покажат точни тогаш ќе биде доведено во прашање тврдењето дека корона вирусот се шири екстремно брзо меѓу населението и потребата од воведување карантински мерки во повеќето држави во Европа.


Напишете коментар