Министерот за здравство Венко Филипче верува дека има можност и пред март одредена количина на вакцини да пристигне во земјава и тврди дека нема цена што Владата нема да може да ја плати за вакцината за ковид-19.  

Според Филипче, засега имунизацијата останува еден од најсериозните инструменти за сузбивање на вирусот, а сите вакцини се апсолутно безбедни. Одговарајќи на новинарски прашање во Шуто Оризари, тој рече дека освен со Бугарија, Грција и Полска, се преговара и со Австрија, а паралелно со тоа течат и разговорите со производителите на вакцини, а вакцини се очекуваат и преку Ковакс системот.

„Која вакцина ќе биде прва преку Ковакс системот, за жал не знае ниту една земја која партиципира во системот. Очигледно е дека сите земји кои преку Европската комисија имаа привилегија да ги добијат први вакцините, добија многу помали количини од она што очекуваа. Затоа овој систем на солидарност којшто беше предвиден, малку се одложува. Ние сме во комуникација со сите европски држави кои ги понудија механизмите за помош и верувам дека ќе има начин и пред март вакцините да стигнат во нашата земја“, рече Филипче.

Согласно динамиката на производство на вакцините, Филипче очекува поинакви вести и од производителите на вакцини од оние кои досега ги давале за време на разговорите.

На прашањето дали воопшто ќе биде потребна вакцина доколку вирусот природно исчезне, Филипче рече дека за да спласне вирусот потребно е да има имунизација со која ќе се достигне степен на колективен имунитет од 60 до 70 проценти од населението.

„Останува да ја следиме ситуацијата и како ќе се одвиваат трендовите, дали ќе има природен пад на целата падемија. Засега нема знаци дека спласнува вирусот во насока на целосно добивање на колективен имунитет така што имунизацијата останува како еден од најсериозните инструменти со кои ќе се смени сликата“, изјави Филипче.