Два поранешни американски специјалци беа осудени на 20 години затвор поради обид за киднапирање на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро. Тие биле фатени за време на неуспешната операција наречена „Залив на прасињата“.

Главниот обвинител на Венецуела Тарек Вилијам Саб објави дека Лук Денман (34) и Арјан Бери (41) се осудени за учество во неуспешната операција, чија цел беше да го киднапираат Мадуро и да го одведат во САД.

Саб изјавил дека двајцата Американци се вработени во приватна паравоена компанија и дека признале дека учествуваат во кривични дела заговор, шверц на оружје и тероризам.

Денман и Бери се поранешни одликувани офицери на американските специјални сили. Тие беа уапсени во мај заедно со група борци што ги организираа и со кои се обидоа да се инфилтрираат во Венецуела.

Според обвинителот, тие дошле со брод од Колумбија, а нивната намера била да го киднапираат Мадуро, да ја преземат контролата над аеродромот во главниот град Каракас и со авион да го одведат претседателот на Венецуела во САД.

Операцијата беше со кодно име „Хедеон“, а според обвинението, операцијата ја подготви американската компанија „Силверкорп САД“ од Флорида.

Првиот човек на „Силверкорп“, Џордан Гудро, објави документ според кој може да се види дека зад оваа акција стои Хуан Гваидо, разрешениот претседател на Венецуела.

Гваидо ги негираше ваквите тврдења, нарекувајќи го документот фалсификат.

Каракас побара екстрадиција на Гудро, додека во Америка се води посебна истрага против него за шверц на оружје.

И Гваидо и администрацијата на САД, кои го поддржуваат, негираа дека тие имаат некаква врска со оваа неуспешна операција.

Во Венецуела, на почетокот на 2019 година, започнаа масовни протести против актуелниот претседател, Николас Мадуро, набргу откако тој се положи заклетва. Тогашниот претседател на Националното собрание, лидерот на опозицијата Хуан Гваидо нелегално се прогласи за привремен претседател.

Голем број западни земји, предводени од САД го признаа Гваидо за претседател. Мадуро, пак, ги обвини САД дека се обидуваат да организираат државен удар, да го инсталираат Гваидо на претседателската функција како нивна марионета и да ги преземат природните ресурси на Венецуела.


Напишете коментар