Британското медицинско списание BMJ објави дека британската влада работи на планови според кои бројот на тестирања од корона вирусот би се зголемил на тешко замисливо ниво, односно дека планира да спроведе 10 милиони тестови секој ден до почетокот на следната година, како дел од акцијата за големото проширување на националната програма за тестирање од корона вирусот.

Повикувајќи се на официјални документи, медицинското списание објави дека владата е подготвена да потроши околу 130 милијарди фунти на вакво тестирање, а тоа масовно тестирање да биде во функција „на поддршка на економската активност и враќање во нормален живот“.

Меморандумот што БМJ го доби на увид, за таканаречената „Операција Муншот“, беше испратен до премиерката на Шкотска, Никол Старџеон и нејзините министри и предвидува дека спроведувањето на тој план ќе чини „повеќе од 100 милијарди фунти“.

Ако овој план се реализира, тоа ќе значи дека целото население на Велика Британија може да се тестира еднаш неделно.

BMJ, исто така, имаше увид во презентацијата подготвена за британската влада од консултантската компанија Бостон Консалтинг Груп, што покажува дека планот предвидува тековните капацитети за тестирање да се зголемат од 350.000 на ден на 10 милиони тестови на ден до првиот квартал од 2021 година.

Се додава дека владата планира да се потпре на приватниот сектор во спроведувањето на планот со цел да се постигне масовно тестирање, но исто така и дека Владата веќе има потпишано писма со намери со приватни компании со цел да се достигне бројката од три милиони тестови на ден до декември.